Движење (MOVIMENTO - edição macedónia)

43 песни / poemas

(Leça da Palmeira, Venade, Torre da Medronheira, 2018 - 2020)

 

Makavej, Skopje, 2021

 

превод Наташа Сарџоска / tradução de Natasha Sardzoska


уредник Владимир Цветкоски / direcção literária de Vladimir Cvetkoski

 

§

 

Издавачката куќа „Макавеј“ ја објави најновата стихозбирка од современиот португалски поет и лекар Жоао Луис Барето Гимараиш со наслов „Движење“. Стихозбирката, која е објавена наеодамна, е финансирана од португалскиот фонд „Камоиш“ и Генералниот директорат за книги, архиви и библиотеки ДГ-ЛАБ на Португалија. Препевот е на поетесата Наташа Сарџоска. На почетокот од годинава, Макавеј објави и избор од поезијата на Гимараиш „Времето тече низ слогови“, а македонското издание на „Движење“ е првото објавено во странство после првичното издание на португалски јазик.

-Сакав да напишам книга што ќе ги одрази тензиите што постојат во една седмица, од сабота до следниот петок, искористувајќи ја мудроста на древните народи што ги именувале деновите од седмицата според боговите или според небесните тела, во латинската номенклатура. Тоа е како да цртам наративна тензија во текот на седмицата со ситуации што се појавуваат и минуваат низ дискусија, преговори, урамнотежување, награда, одмор, пресоздавање и, во циклична игра, се поврзани со претстојната тензија. Ете, така ни се редат седмиците во нашата современост, за кои книгата е организирана во вакво циклично „Движење”. Иронично е што, во Португалија, книгата се објави токму во годината кога сите бевме лишени од слободата и, поради пандемијата, поминувавме месеци во изолација … без слобода, изјави Жоао Гимараиш, задоволен од одличната соработка со издавачката куќа „Макавеј“ и со преведувачката Наташа Сарџоска.

Запрашан за важноста на поезијата во денешниот свет, особено во време на неизвесност како нашето, кога личната изолација станува сè по „нормална“, Гимараиш одговори дека „поезијата е и ќе биде за мене географија на мислата.

-Од оваа причина, таа никогаш не смее да престане да биде место на отпор, каде вистината наоѓа засолниште и го употребува својот јазик на изборот: иронијата. Владетелите не се разбираат со поетите, а уште помалку со поезијата, токму поради тешкотијата да се соочат со оваа вистина. Ако има нешто што не ме загрижува, тоа е дека поезијата ќе изумре: тоа никогаш нема да се случи. Поезијата секогаш ќе биде таму, во светот денес и во иднината, како гарант и како глас, громогласен и незауздан, вели тој. Стихозбирката „Движење“ ќе може да се најде и нарача во книжарниците на „Или-или“, „Полица“ и „Антолог“ во Скопје и во интернет-книжарницата kupikniga.mk.

 

§