ВРЕМЕТО ТЕЧЕ НИЗ СЛОГОВИ (O Tempo Avança por Sílabas - edição macedónia)

 

100 песни / poemas

(Porto, Leça da Palmeira, Venade, Torre da Medronheira, 1986 - 2018)

Makavej, Skopje, 2021

превод Наташа Сарџоска / tradução de Natasha Sardzoska
уредник Владимир Цветкоски / direcção literária de Vladimir Cvetkoski


§


„ВРЕМЕТО ТЕЧЕ НИЗ СЛОГОВИ“ ОД ПОРТУГАЛСКИОТ ПОЕТ ГИМАРАИШ ВО ИЗДАНИЕ НА„МАКАВЕЈ“

Издавачката куќа „Макавеј“ го објави изборот песни „Времето тече низ слогови“ од современиот португалски поет Жоао Луис Барето Гимараиш, во препев на поетесата Наташа Сарџоска и со поддршка од португалскиот фонд „Камоиш“ и Генералниот директорат за книги, архиви и библиотеки ДГЛАБ.

Преведувачката Сарџоска го опишува изборот како „жива, непосредна, енигматична поезија, исполнета со неочекувани метафори, двосмислени и наместа непреводливи замки, скокови, алегории и живи контрасти на ситуации, емоции и алузии. Поезија на мигновеното, на етеричното, на непрекинатото животно вибрирање на зборот“.

– Како поет, верувам дека оваа поезија на португалскиот поет и хирург Жоао Барето Гимараиш ќе ја освежи и предизвика поетската креативност на нашите поети. Како преведувач, не беше лесно да се преведе оваа поезија којашто е толку силно сосредоточена на играта на зборот, на двосмисленоста, на хомонимијата и на полисемијата, но убедена сум дека со овој преведен поетски глас, ќе се збогати лузофонската книжевна ризница на македонски јазик, вели Сарџоска.

Жоао Луис Барето Гимараиш (1967, Порто) е португалски лекар, преведувач и поет. Првата поетска книга „Има виолина во ова племе“ ја објавил во 1989 година. Во 2019-та го уредил изборот од сто песни „Времето тече низ слогови“ во знак на одбележување на неговата триесетгодишна кариера како писател.

Неговите дела се објавени во повеќе антологии и списанија за литература во Португалија и во голем број земји во светот. Тој го уредува веб-блогот Poesia & Lda, каде што превел и коментирал повеќе песни од современи автори. Исто така работи како лекар во болничкиот центар „Вила Нова де Гаја“, како специјалист во пластична, реконструктивна и естетска хирургија.

Во 1992 година му беше доделена наградата за креативност на Обединетите нации. Во 2017 година ја доби Националната поетска награда „Антонио Рамос Роса“ за неговата книга „Медитеранот“. Во 2019 година, со својата збирка „Номад“, ја освои наградата „Бертран“ за поетска книга на годината. Во 2020 година, на англиската верзија на неговата поетска збирка „Медитеран“ и беше доделена наградата „Willow Run Poetry“ од издавачот „Hidden River Press“, кој ќе ја објави книгата во САД, со што бил првиот неамерикански автор кој ја освоил оваа награда.


§